Џоана Олсон Кенеди, докторот кој раководи со долгорочната студија, и која се застапува за "родови третмани" за адолесцентите, одби да ја објави долгоочекуваната студија за блокаторите на пубертетот, со изговор дека моменталната политичка ситуација во Америка е доста наелектризирана.
Студијата започна во 2015 год. и е дел од поголем проект во врска со трансродовите млади, финансиран од федералната влада. Оваа студија опфати 95 деца на просечна возраст од 11 години, на кои им беа дадени блокатори на пубертетот и беа следени две години, за да се утврди дали има подобрување на нивната ментална состојба.
Она што се откри преку оваа студија е дека ниту едно дете нема подобрување, меѓутоа д-р Олсон Кенеди резултатите ги објаснува со тоа што децата се чувствувале добро уште на самиот почеток на студијата. Но, таквата нејзина изјава е контрадикторна со претходното нејзино и на нејзините колеги тврдење дека 1/4 од адолесцентите од групата биле депресивни и анксиозни и 1/4 биле суицидални пред третманот, додека 8% извршиле обид за самоубиство во минатото, известува The New York Times.
Покрај тоа што поминаа 9 години од почетокот на оваа студија, д-р Олсон Кенеди одбива да ја објави, бидејќи се плаши дека таа може да биде земена како поткрепа за забрана на "родовите третмани" за деца. Д-р Џоан Олсон Кенеди е одговорна за најголемата родова клиника за деца во Детската болница во Лос Анџелес.
Ваква слична драма имаше и во Англија, кога во 2011 год. се започна со истражување врз 44 деца. Пет години подоцна, британските истражувачи за време на една конференција изјавија дека нема докази дека блокаторите на пубертетот ја подобруваат менталната состојба на децата и ја намалуваат суицидалноста, но сето ова не беше јавно објавено сѐ до 2020 год.
Оваа година, д-р Хилари Кас го објави нејзиното истражување, кое јасно покажува дека не само што блокаторите на пубертетот немаат никакви позитивни ефекти, туку предизвикуваат и штета, односно тие го сопреле растењето на коските и предизвикале стерилитет кај некои од пациентите. Како резултат на ова истражување, Англија и други земји од Европа забранија на децата да им се даваат блокатори на пубертетот.
Comments