Со задоволство ве покануваме на првиот вебинар во организација на Коалицијата за заштита на децата и нашиот партнер од Србија, Коалицијата за природно семејство, на тема „Истанбулската конвенција: импликации и последици“, кој ќе се одржи во понеделник, 6-ти март 2023 година, во 16:00 часот.
Говорник ќе биде истакнатиот српски политички филозоф, д-р Миша Ѓурковиќ, директор на Институтот за европски студии во Белград, автор на повеќе од 16 книги и збирки на статии и гостин-предавач на неколку странски универзитети, вклучувајќи ги Универзитетот во Монтереј (Мексико), Универзитетот во Гранада (Шпанија), државниот универзитет Каподистријан (Грција), Универзитетот FLASCO (Аргентина) и други институции од Финска и Иран.
Д-р Ѓурковиќ се бави со научна работа од областа на политичката теорија, меѓународните односи, европските студии, десничарската и конзервативната политика, како и биоетиката. Со оглед на загрижувачкиот развој на настаните во светот, Ѓурковиќ во последниве неколку години посветува сè повеќе внимание на прашањето околу етиката во меѓународните односи, како и влијанието на дигитализацијата и биоетичките предизвици во меѓународните односи и домашната политика. Во таа насока, тој е автор на трудот „Контроверзии околу ратификацијата на Истанбулската конвенција“, па со големо задоволство имаме можност да разговараме со него за овој документ, кој има крајно погубни последици врз основните човекови слободи и права, како и врз односите во семејството и воопшто меѓу половите.
Покрај дискусијата за Истанбулската конвенција, целта на овој вебинар е да се воспостави контакт меѓу активистите од нашите две земји што делуваат во оваа област, за заедничка борба против новите идеологии на woke-културата (трансродовоста и ЛГБТИ+), кои оваа конвенција ги отвори во земјите каде што беше ратификувана.
Бројот на учесници е ограничен, затоа ги молиме сите заинтересирани да се пријават со лична порака на Фејсбук страницата на Коалицијата.
Накратко за нашиот партнер од Србија:
Коалицијата за природно семејство е здружение кое обединува организации, интелектуалци, активисти и јавни функционери, вклучително и неколку политички партии. Основана е во март 2021 година со цел да се воспостави широк социјален фронт за да се спречи усвојувањето на три неуставни и антисемејни предлог закони во Србија (законот за родова еднаквост, предлог законот за истополови заедници и предлог законот за измени на Законот за антидискриминација). Предлог законот за истополови заедници беше отфрлен, а другите два предлог закони, за жал, беа усвоени.
Comments