top of page

РЕАКЦИЈА ПО ПОВОД ИЗЈАВАТА НА ВЕСНА ЈАНЕВСКА, МИНИСТЕР ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА, ВО ИНТЕРВЈУТО ЗА РСЕ



Коалицијата за заштита на децата изразува длабока загриженост поради последната изјава на министерката за образование и наука Весна Јаневска.


До сега, не сакавме да коментираме за наводните измени кои ги направила Јаневска во предлог-измените на Законот за основно образование и во предлог-Законот за средно образование, за кои со несогласување први се огласија ЛГБТИ+ родовите активисти и невладини организации, бидејќи сметаме дека не треба да даваме никаков кредибилитет на овие платени активисти, сѐ додека самото Министерство за образование и наука (МОН) не објави нешто конкретно. Воедно, сметаме дека Јаневска и МОН имаат должност и обврска јавно и транспарентно да го известуваат народот за сите постапки и промени што се однесуваат на овие закони, кои длабоко навлегуваат во насочувањето на децата во сфаќањето на реалноста и целокупниот живот.


Меѓутоа, после интервјуто на Јаневска за РСЕ, потребно е да образложиме зошто нејзината изјава предизвика сериозна загриженост кај нас.


Таа изјави дека "родова еднаквост" е термин кој сѐ уште стои во предлог-Законот за средно образование, што всушност е термин кој ги признава родот и родовиот идентитет како постоечки и валидни категории, од каде влече корен и самиот израз "РОДова еднаквост". Така што, доколку "род и родов идентитет" се отстранети, но не и "родова еднаквост", тоа е само еден вид на маскирање на проблемот кој сѐ уште постои.


Понатаму, Јаневска вели дека "зборот „и друго“ на крајот на реченицата ги опфаќа сите можни постоечки видови на дискриминација“, што во преносна смисла тоа значи дека иако Јаневска ги тргнала експлицитните проблематични зборови, сепак таа им ги отвара очите на родовите активисти и ги советува дека родот и родовиот идентитет се опфатени со "и друго".


"Неспорно е дека нема да го има во законот тој термин (род/родов идентитет), ама бидејќи го има во други закони, супсидијарно ќе се применува. Таа самата ги поучува родовите активисти дека не го навела во законот, ама тие може да се повикаат, зашто го има во други закони. А тие супсидијарно се применуваат" - реагира правниот тим на Коалицијата за заштита на децата.

"За да немаме револт, за да немаме недоразбирања, малку ги прилагодуваме нашите изрази и зборови за тоа што го нудиме да биде прифатливо за сите", вели Јаневска, кое може да се сфати дека таа не отстранува, туку само врши адаптација на некои проблематични термини, кои и понатаму ќе продолжат да постојат во самите закони за основно и средно образование.


Ваквото играње со зборови кои имаат исто значење и правното поучување на родовите активисти од страна на Јаневска, сериозно нѐ загрижува како родители и Коалиција за заштита на децата. Продолжуваме да инсистираме и да бараме: целосно исфрлање на проблематичната терминологија од законите кои ги опфаќаат малолетниците за кои целосна одговорност имаат родителите, и затворање на пандорините врати што се отвараат со нејасни и недифинирани изрази како "и друго".

Comments


bottom of page