Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија организира протест против предлог-Законот за родова еднаквост и предлог измените на Законот за матична евиденција, кој ќе се одржи пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје овој четврток (29-ти јуни) со почеток во 18:00 часот. Покрај поддршката од голем број поединци, против контроверзните закони официјално истапи и политичката партија АлтернАтивА:
Денес, кога и во Скопје се одржува т.н. Парада на гордоста, согласно нашите програмски определби и нашите политички убедувања, се разбира и почитувајќи го правото за поинакво размислување, изјавуваме дека за нас тоа не е никаква гордост, туку е поинаков обид за атак кон нашето традиционално семејство.
Верувајќи дека семејството е само хетеросексуална заедница, изградена на взаемната љубов меѓу сопружниците, реализирана јавно и церемонијално и благословена преку ритуал, АлтернАтивА смета дека оваа парада е општествено движење за релативизирање на границите на нашето традиционално семејство, секако во корист на разните облици на изопачување на човечкото битие и секако на штета на нашата човечка мисија на земјата.
Исто така, верувајќи дека човекот не е битие кое се движи во универзумот без причина, како и верувајќи дека нашите тела не се наша сопственост, туку се дар од Бога, ние мислиме дека само со афирмирање, негување и поддршка на традиционалното семејство ние ја исполнуваме нашата обврска кон Бога – да ја предадеме на идните генерации штафетата на постоењето, вредностите, доблестите и наследството.
Затоа, за нас тоа што се случува во Скопје нема врска со гордоста, бидејќи гордост е нашето семејство, во кое се чуваат и негуваат легендите, спомените, соништата и љубовта кон Бога, кон човекот, кон татковината, кон нацијата и кон природата.
Во духот на ова, АлтернАтивА изјавува дека ќе биде ПРОТИВ новиот Предлог на закон за матична евиденција, преку кој се планира да се релативизира традиционалното семејство со измислување на т.н. „родов идентитет“, а за ова ќе ги искористиме сите демократски механизми и сите политички, научни и етички аргументи за да не помине овој предлог на закон.
Со свој став излезе и партијата Македонски Концепт на Петар Богојевски:
Македонски Концепт дополнително реагира на најновите измени во Законот за матична евиденција со кои се интервенира во содржината на Изводот од матичната книга на родените, во која преку внесување на етничка припадност на граѓаните, во целост се суспендира граѓанскиот концепт на нашата држава, се воведува хибриден тип на етничка држава, која треба да прерасне во бинационална вештачка творба со тенденција на нејзино распаѓање. За таа цел, повикуваме масовно да се приклучат сите наши членови и симпатизери, но и сите граѓани кои посакуваме да живееме во нормална граѓанска држава и ве известуваме дека целокупното раководство на партијата Македонски Концепт, ќе биде присутно на овој протест.
Comments