Од 9. до 10. февруари, заедно со нашите соработници од ADF International, одржавме дводневен семинар т.е. обука за адвокати, граѓански активисти, политичари и професионалци од областа на законодавството во Македонија и нивно вмрежување.
Ова е прва средба од ваков тип, на која се говореше за слободата на мисла, говор и изразување, родителските права, бракот и семејството, како и правото на вероисповед.
ADF International e една од најорганизираните и највлијателните организации на адвокати во светот, кои се залагаат за зачувување на традиционалните христијански вредности. Познати се на Македонија по тоа што самоиницијативно беа ангажирани во случајот "Лицето Х против Република Македонија", каде дадоа свој значаен придонес во одбраната на традиционалните вредности што се негуваат на ова наше тло.
На семинарот особено се задржавме на конкретни случаи во Македонија каде се нарушени правото на слободен говор и правото на вероисповед, а кои Коалицијата активно ги следи и е директно инволвирана во одбраната на овие човекови права. Во тој контекст, поради впечатливоста на случајот и за да се доближи суштината на проблематиката до учесниците, испративме посебна покана до Епископот Јаков Стобиски, кој на наше големо задоволство нѐ удостои со неговото присуство првиот ден од семинарот и ја сподели својата приказна.
После два напорни работни дена, делегација на Коалицијата за заштита на децата и соработниците од ADF International заминаа во официјална посета на епископот Јаков во неговото седиште во Ново Село, Струмичко.
Comentários