Изминативе денови се случија значајни позитивни промени и може да се радуваме на една голема победа. Чест ни е официјално да известиме дека повеќе организации и здруженија од Македонија успешно формираа Коалиција за заштита на децата.
Првиот заеднички проект на Коалицијата беше итно ургирање за сопирање на предлог законот за промена на пол само со изјава пред нотар. Коалицијата испрати вкупно 120 писма до пратеници и политичари со детално објаснување зошто овој закон е контроверзен и кои се штетните последици по жените, децата и мажите. .
Претходно, организации, дел од Коалицијата, имаа објавено писмо кое граѓаните можеа да го копираат и испратат до Владата и до Министерството за правда. Тоа беше споделено преку 500 пати и се проценува дека солиден број на граѓани го искажаа својот револт за овој предлог закон и истото го испратија на дадените имејли.
Нашата упорност се исплати и мора да искажеме голема благодарност до сите пратеници и политичари кои покажаа разумност и реагираа за предлог законот да биде повлечен.
Неколку нивни логични резонирања:
„Aпсолутно не смее да помине предлогот бидејќи се коси со основните начела на семејството. Веруваме дека пратениците ќе бидат совесни и дека нема да го нарушат принципот на семејство во нашето општество и дека нема да го изгласаат законот. Законот ќе овозможи склучување на истополови бракови. Ова е класична измама која на подмолен начин сака да ги легализира ЛГБТ браковите. Која е логиката само со нотарска изјава да се промени полот? Тоа е злоупотреба на транслицата во служба на ЛГБТ, параван за истополови бракови. Ова е циркус којшто само кај нас може да се случи“ – вели пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи.
„Ако само со изјава на нотар и со фотокопија од лична карта може да се промени полот, тогаш што ќе се случи со одењето во пензија, учеството во спортски натпревари, кандидатурите во политиката каде е задолжителен родов баланс на листите, добивање на права од спротивен пол? Што ако маж се декларира за жена за порано да оствари право на пензија, а потоа пак, се декларира како маж? За ваков закон треба широка јавна дебата, да се слушнат различни ставови како и мислењата на експерти. Ова е обид за дефокус“ – изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Во прилог следи целото писмо:
Почитувани пратеници,
Ви се обраќаме во врска со актуелниот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција, одобрен од Владата во април 2021 година.
Имено, во самите предлог на законски измени, како и во останатите закони донесени по ратификацијата на Истанбулската конвенција, полот се дефинира како засебна и различна карактеристика од родот и родовиот идентитет. Дополнително, во предлог член 1(6) строго се означува во рамките на биолошката дефиниција. Согласно науката, полот е определен при зачнување, половиот развој настанува уште кај фетусот, се евидентира при раѓање, и не може да биде променет до крајот на животот.
Оттаму, не гледаме како би можела произволно да се менува неговата ознака во матичната евиденција, а посебно не ради признавање на друга засебна карактеристика. Ова не значи дека не може да се предвиди посебна графа за родов идентитет, во која, како што гледаме во судската пракса и на други држави, може да има и повеќе од два рода, и на тој начин да се постигне правното признавање кое се бара.
Ниту една европска држава не е обврзана од Европскиот суд за човекови права да усвои правен процес, со кој ќе им овозможи на сите свои граѓани да си го сменат полот на изводот од матична книга на родени, само врз основа на самоопределување.
Впрочем, државата е должна да воспостави правичен баланс помеѓу приватниот интерес на трансродовите лица и јавниот интерес - правото на сите останати точно да го определат и именуваат полот на трансродовото лице, посебно важно за девојчињата и жените за заштита на сопствената приватност, безбедност и достоинство.
Со оглед на тоа дека нема консензус помеѓу државите членки на Советот на Европа за најдобриот начин за заштита на интересот во прашање, на државата и се остава широка дискреција во одлучувањето (X, Y and Z v. the United Kingdom, 1997, § 44; Fretté v. France, 2002, § 41; Christine Goodwin v. the United Kingdom [GC], 2002, § 85). Дополнително, ваква широка маргина е оправдана затоа што од државата се бара да воспостави рамнотежа помеѓу конкурентните приватни и јавни интереси и права од Конвенцијата (Fretté v. France, 2002, § 42).
Во точка 58 од Водичот низ судската пракса за ЛГБТИ права, ЕСЧП смета дека заштита на принципот на неотуѓивост на граѓанскиот статус, обезбедување на веродостојност и конзистентност на податоците во матичната евиденција и обезбедување на правна сигурност претставуваат цели во општ интерес (A.P., Garçon and Nicot v. France, 2017, § 132). Со ова, се оправдува воспоставувањето на строги процедури за проверка на основната мотивација за барања на промена во правниот идентитет (S.V. v. Italy, 2018, § 69; Y.T. v. Bulgaria, 2020, § 70; X and Y v. Romania, 2021, § 158) вклучувајќи и носење на одлуката за промената од страна на суд, а не од управната власт во земјата.
Во овој однос, барање за претходна психијатриска проценка и дијагноза како еден од условите не се смета дека негативно го погодува физичкиот интегритет на поединецот. Одбивањето на барањето за промена на ознаката на пол (A.P., Garçon and Nicot v. France, 2017, §§ 139-144 et sequi), во случај на неисполнување на овој критериум се смета основано, претставува правичен баланс меѓу конкурентните интереси, и не ги крши позитивните обврски на државата (A.P., Garçon and Nicot v. France, 2017, §§ 143-144).
И покрај тоа што со Истанбулската Конвенција се воведуваат поимите род и родов идентитет на сите лица, во дефинициите на Објаснувачкиот Извештај [1] за член 3 (а), „насилство врз жените“,насилството се дефинира како „форма на дискриминација врз жените”, при што оваа дискриминација е јасно определена како дискриминација на женскиот пол, во Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (“CEDAW”, 1979) [2] и сите документи и препораки кои произлегуваат од таму.
Во самиот речник на Обединетите Нации за родова еднаквост [3], како и Европскиот институт за родова еднаквост [4], родовата дискриминација се дефинира како дискриминација по пол, не родов идентитет. Родот како концепт го сметаат за корисен при анализа на тоа, како взаемно споделени обичаи ги легитимираат разликите меѓу половите. Со тоа, родовата еднаквост не значи дека мажите и жените ќе станат исти, туку дека правата, одговорностите и можностите на мажите и жените нема да зависат од тоа дали се родиле како машки или како женски. При тоа, земјите се задолжуваат да водат статистика со податоци поделени по пол, неопходна за ефективна родова анализа со која ќе се издвојат вистинските и потенцијални нееднаквости.
Заради ова, сметаме дека носење на овој и ваков закон е крајно проблематично. Негативно ќе влијае на статистиката, врз која понатаму се креираат јавните политики за сите, покрај тоа што нема да се води сметка за физичката безбедност, приватност и достоинство на другите индивидуи во јавниот интимен простор.
Најпросто речено, ќе се избрише волјата и материјалната реалност на сите нас, без наша согласност. Сите без исклучок ќе бидеме погодени, а во крајните екстреми ќе се види целата апсурдност на овој закон - учество на жените по пол во најпрестижните позиции или најдобро платени работни места во стопанството, политиката, администрацијата или академијата, од една страна, или во бележење на извршување на престапи и кривични дела типични за едниот пол, во статистиката на спротивниот пол.
Родовата дискриминација нема да може да се препознае и конфронтира како таква, ако се врши од лице кое правно го сменило полот, а ги задржало физичките карактеристики и предностите кои ги има заради биолошката припадност на полот од раѓање.
Со овој закон, директно се оневозможува:
- Жените и мажите да го уживаат истото право на приватност од членот 8 од Конвенцијата што во случајот се бара за трансродовите лица, односно да не го делат интимниот простор (болнички соби, старски домови, бањи, јавни тоалети, спортски соблекувални и сл.) со луѓе со различни полови карактеристики. Ова посебно е важно за трауматизираните жени, кои претрпеле насилство од маж, и се упатени во центрите за згрижување, како и за жените од муслиманска вероисповед.
- Девојчињата и жените да ги задржат своите права, стекнати врз основа на пол, кога станува збор за спортски натпревари и едукативни можности. Различната биологија е главната и суштинска причина зошто спортските категории се поделени на машки и женски, со цел фер натпревар.
- Слобода на собирање и здружување на жените кои споделуваат иста полова анатомија, во собири заради заштита на сопствените политички интереси, согласно членот 11 од Конвенцијата за човекови права не им се гарантира ако дозволите и во вашите женски ограноци да има секогаш и секаде и луѓе од машки пол, како и да се идентификуваат.
- Жените во затворите да не бидат изложени на понижувачко постапување со инклузија во нивниот интимен простор на престапници кои го “промениле” полот во женски (член 3 на Европската конвенција за човекови права)
- Задржување на зборот и дефиницијата за поимите како ‘жена’ и ‘мајка’ во смисла на биолошки пол со дефинирани карактеристики. Исто така, бараме да не се наметнува релативизирање и бришење и на поимот ‘маж’, со што се губи и злоупотребува достоинството и на мажите и на жените, преку наложеното верувањето дека и мажите можат да ги извршуваат женските репродуктивни улоги, т.е. да раѓаат и дојат, согласно дефиницијата за родов идентитет од предложениот закон.
Сметаме дека посебна грижа за децата и младите луѓе е важна, затоа што имаат мало животно искуство, а се лесно податни, посебно родово нестереотипните млади лица, лицата со аутизам и лица со други нерешени прашања, други психички растројства или претрпено насилство, кои се маскираат како неусогласеност на родовиот идентитет.
Финските здравствени власти, по темелни студии во нивните родови клиники кои се водечки во свет во педијатриска грижа, заклучуваат дека невролошка зрелост се достигнува на 25 годишна возраст. Со тоа, на психотерапијата и даваат предност пред какви било други медицински третмани, особено такви што ќе остават трајни и неповратни последици. Кралскиот колеџ на психијатри на Австралија и Нов Зеланд (РАНЗЦП) исто неодамна ја ревидира својата позиција од целосно афирмативен пристап со медицинска и хируршка транзиција, во пристап на истражување на личноста на индивидуално ниво кај малолетните лица и младите адолесценти.
Шведскиот здравствен систем, болницата Каролинска и другите центри исто така официјално во мај 2021 година го сопреа хормоналниот третман кај деца под 18 години и се пријавија во системот за штети. Во Британија излезе времениот извештај од независната ревизија (Cass review) на работата на родовата клиника, а Франција исто така излезе со соопштение од страна на Националната Академија на Медицина за поголема грижа и претпазливост, а не директно афирмирање за младите лица со трансродов идентитет.
Со ова, се надеваме дека ќе го запрете и овој Закон. Ваша и наша должност е грижата да биде за сите подеднаква, со особено внимание и грижа за децата. Стоиме на тоа дека дефинициите во правото треба да ја одразуваат материјалната реалност на сите нас, а не да создаваат реалност.
--------------------------------
[1] Council of Europe - Explanatory Report to the Council of Europe Convention on preventing and combating violence against women and domestic violence
[2] Обединети нации- Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и нејзиниот Факултативен протокол
[3] UNICEF - Gender Equality: Glossary of Terms and Concepts
Comments