top of page

КОАЛИЦИЈАТА СТАНА ПОТПИСНИК НА ДЕКЛАРАЦИЈАТА ОД КАЗАБЛАНКА ЗА УНИВЕРЗАЛНО УКИНУВАЊЕ НА СУРОГАТСТВОТО



Во март 2023 год., во Казабланка (Мароко) од страна на 100 експерти (адвокати, доктори и психолози) од 75 земји беше потпишана Декларација за универзално укинување на сурогатството и истата беше презентирана на јавноста.


Во оваа Декларација се наведува дека потписниците се свесни дека постојат луѓе кои од одредени причини не се во можност да имаат деца по природен пат, меѓутоа сепак самото сурогатство претставува трговија со деца, која нарушува голем број права на децата, меѓу кои и правото на идентитет. Овој бизнис со деца генерира над 14 милијарди долари годишно, а до 2032 год. се очекува бројката да стигне до 129 милијарди американски долари.


Потпишувањето на оваа Декларација за борбата против сурогатството не е "конзервативно" движење, туку напротив, сојузници се поединци и организации кои се занимаваат со различни општествени активности и доаѓаат од различни политички гледишта (десничари, центристи, левичари, феминистки и др.). Но, сите се сложуваат со едно: никогаш не треба децата да бидат жртва, под изговор дека на возрасните треба да им се овозможи да бидат среќни.


Сурогатството, покрај тоа што е разорно по животот на децата, тоа е и комерцијална форма за експлоатирање на женското тело, каде жената се смета само за фабрика за деца, за кои потоа се врши трговска трансакција, како тие да се предмет на пазар. Целта на оваа Декларација е да се заштитат децата да бидат продавани и да се заштитат жените да бидат експлоатирани.


Портпарол на Декларацијата е Оливија Маурел, жена која е родена преку сурогат мајка, која сведочи за нејзиното ужасно искуство, бидејќи таа била "порачана, произведена, направена по нарачка, продадена и купена".


Минатата година Италија стана првата европска земја која донесе закон со кој се забранува сурогатство надвор од Италија за италијански државјани (сурогатството во Италија е секако забрането), односно италијански државјани не може да одат во странство и од таму да купат дете од сурогат мајка.


Минатиот месец, осум пратеници од Чиле, кои припаѓаат на различни партии (левичари, центристи и десничари), се обединија и потпишаа јавно писмо со повик и Чиле да го забрани сурогатството, кое беше објавено во чилеанскиот весник El Mercurio.


Коалицијата за заштита на децата се придружи на заложбите да се заштитат децата од купопродажба и во март оваа година стана потписник на Декларацијата на Казабланка за универзално укинување на сурогатството.


Остануваме поборници за подобра иднина на сите деца од целиот свет!

36 views0 comments

Comments


bottom of page