Здравствениот систем на Англија NHS донесе одлука да се повлече од праксата да се даваат блокатори на пубертетот на оние деца кои се збунети и не го прифаќаат својот природен пол, бидејќи не постојат доволно докази за безбедноста и ефикасноста на блокаторите.
Забраната следи после извршена јавна консултација и независен преглед на постоечките услуги за "трансродови". Д-р Хилари Кас, која го водеше прегледот, во извештајот од февруари 2022 година, рече дека има потреба на оддалечување од блокаторите на пубертетот и да се создаде нов оддел за подобра грижа за малолетниците. Таа изрази загриженост за недостатокот на долгорочни информации за ефектите, што лековите и хормоналните блокатори ги имаат врз децата. Извештајот беше поттикнат од остриот пораст на упати до Службата за развој на родовиот идентитет (Gids), управувана од Фондацијата Тависток и Портман NHS, која забележа зголемување од 250 годишно на над 5.000 во 2022 година.
Блокаторите на пубертетот, кои ги стопираат физичките промени во пубертетот, сега ќе бидат достапни само како дел од истражувања.
После сите овие истражувања, NHS ја променија и реториката на нивниот официјален веб-сајт. Во целост го пренесуваме делот за блокаторите на пубертетот:
Блокатори на пубертетот и хормони кои го потврдуваат родот
Блокаторите на пубертетот (гонадотропин-ослободувачки хормонски аналог) не се достапни за деца и млади со родова неусогласеност или родова дисфорија, бидејќи нема доволно докази за безбедноста и клиничката ефикасност на истите. Од околу 16-годишна возраст, на младите луѓе со дијагноза на родова неусогласеност или родова дисфорија, кои исполнуваат различни клинички критериуми, може да им се даваат хормони кои го потврдуваат родот, заедно со психосоцијална и психолошка поддршка.
Овие хормони предизвикуваат трајни промени, како што се:
• развој на гради (предизвикани од земање естроген)
• кршење или продлабочување на гласот (предизвикано од земање тестостерон)
Долготрајниот третман со хормони што го потврдуваат родот може да предизвика привремена, па дури и трајна неплодност.
Меѓутоа, бидејќи хормоните кои го потврдуваат родот влијаат на секој човек поинаку, тие не треба да се сметаат за сигурна форма на контрацепција.
Постои одредена несигурност за ризиците од долгорочниот третман со хормони за потврдување на родот.
На децата, младите и нивните семејства воопшто не им препорачуваме да примаат блокатори на пубертетот или хормони кои го потврдуваат родот од нерегулирани извори или онлајн провајдери, кои не се регулирани од регулаторните тела на Обединетото Кралство.
Извори:
Daily Caller - England Bans Child Puberty Blockers
ВВС - NHS England to stop prescribing puberty blockers
NHS - Treatment: Gender Dysphoria
Comments